Хасан Налбани изложува во Мала станица

Во Националната галерија на Македонија, објект Мала станица, на 6 октомври 2014 година (понеделник) во 19:30 часот ќе се отвори изложба на албанскиот уметник Хасан Налбани.

hasan nalbani

Хасан Налбани (1934) е претставник на првата генерација едуцирани албански уметници, образувани на тогаш оформената Академија за ликовна уметност во Тирана (дипломирал 1964 година). Оваа генерација воведува нови стандарди на албанската ликовна сцена, влијае врз модернизација во стилскиот вокабулар и успева на современ начин да ја пренесе споната помеѓу историјата и традицијата и новото социјално општествено пледоаје. Налбани е дел од оваа значајна база на албанската модерна, кој го привлекол вниманието на тогашната критика со импулсивниот колорит, конструктивност и посебност во градењето на композицијата, како и уметник кој знае да ги извлече поуките од значајната албанска иконографија. Неговиот контакт со природата бил постојано свеж, значаен е како сликар на многубројни пејзажи со прекрасна вивидна светлина, но она по што тој е препознатлив и единствен на албанската ликовна сцена е експресионистичката фигурација и детализмот, кој е реминисценција од долгогодишното искуство во реставрирање на фрескоживописи.

Серијата дела со кои Хасан Налбани се претставува во Националната галерија на Македонија е наречена “Дворот на вдовиците” и станува збор за творби работени во последните 4 години. Серијалот содржи слики на жени во различни групи и различни средини и опкружувања. Меѓу нив се насликани предмети како столици, автомобили, чамци, или дури пејзажи на градовите кои помагаат во обликувањето на идејата која авторот сака да ја пренесе. Во другите дела со човечки фигури, истите се појавуваат во хаотични и храбри пропорции кои наликуваат на визуелни апстракции. Во овие слики Налбани го презентира расцепот на личноста на човекот во реалноста, каде што тој е секогаш во прашање, како и ограничената социјализација во современото општество и непостојаноста во односите со другите околу него. А тоа предиво, колку и да се чини иронично, се проткајува низ судбината на сите нас. Поединецот се обидува својата осаменост, индиректно да ја сподели со другите.

_____________________________________________

Фотографии од отворањето на изложбата и од поставката.

hasan nalbani