„Траги“ самостојна изложба на Михаела Јовановска

На 6 ноември 2014 година (четврток), со почеток во 20 часот, во НУ Национална галерија на Македонија, во објектот Мала станица, ќе биде претставена самостојната изложба на Михаела Јовановска под наслов „Траги“.

mia jovanovska

Изложбата под наслов „Траги“ на Јовановска, формално може да се дефинира како амбиентална инсталација составена од повеќе сегменти, во која позиционираноста на делата во просторот провоцираат посакувана непосредна интеракција со набљудувачот. Од круцијален интерес за Јовановска е човекот и неговата мисла, физичката минливост во времето и просторот и емоционалната фрагилност, трансферирани симболично во реализацијата на делото преку материјалот со сите негови специфики (плексиглас и транспарентна безбојна фолија кои нудат проѕирност и цврстина) и постапките на изработка кои ги користи (сечење, боење со безбојна и бела боја, врежана линеарност/мекост).

Целосно транспарентните човечки фигури, стилизирани и без конкретни физички карактеристики, претставуваат еден вид експресивни отпечатоци на телото во просторот (и времето), а преку отсуството на компатибилниот носител на физичката телесност, создаваат алузија на испразнетост на смислата и ја навестува драмата на човековото постоење… Различните фигурални претстави, реални или замислени, и реакцијата на индивидуата во дадени ситуации, предизвикани од „говорот на телото, оставајќи траги при неговото дејствување“, предложуваат специфична и директна соголеност на емоциите и меморијата кои може да се толкуваат од повеќе психолошки, социолошки и други аспекти. Јовановска ја пренесува својата идеја за говорот на телото, постоењето и сеќавањето, како и начинот на кој ги пренесуваме, преку формулацијата на дела кои се движат од целосен приказ до исчезнување во конечна трага. (М. Чанкуловска-Михајловска, од текстот за изложбата).

Михаела Јовановска е родена во 1984 година во Скопје. Средното училиште го има завршено во ДСУПУ „Лазар Личеноски“, а во 2010 дипломира дипломира на Факултетот за ликовна уметност во Скопје, со отсек сликарство. Од јануари 2011 година работи како ликовен соработник во Национална галерија на Македонија. Во 2012 година се претстави со својата прва самостојната изложба под наслов ”Cognoscence”, во MC Gallery со Њујорк (САД), а „Траги“ е нејзина втора самостојна изложба. Учествувала на следните групни изложби: 2012, Скопје, „Простор“, алтернативен уметнички простор; 2013, Скопје, „X Биенале на млади”, Музеј на современата уметност – Скопје; 2013, Гњилане (Косово), „Demoralised Idealism”, уметничка галерија Varg e Vi, како и на Ликовна колонија, „Даљан” во Струга во 2008 година.