Ретроспективна изложба на Александар Кондев

На 4 ноември 2015 година, во 20:00 часот, во Националната галерија на Македонија – објект „Чифте амам“ – ќе биде отворена ретроспективната изложба на фотографии на Александар Кондев.

kondev izlozba_56

Куратор на проектот е Златко Теодосиевски. Изложбата ќе биде поставена до 22-ри ноември 2015 година.

Златко Теодосиевски

АЛЕКСАНДАР КОНДЕВ – СВЕТОТ КАКО ВИЗУЕЛЕН ПРЕДИЗВИК

 Александар Кондев (1950) е еден од оние македонски фотоуметници, чиешто фотографско творештво е нераскинливо сврзано со пробивите на фотографската мисла кај нас и, слободно може да се каже, највисоките дострели на македонската фотографија од втората половина на минатиот век до денес. Неговото безмалу педесетгодишно присуство во сите перипетии на македонската фотографија е важно сведоштво и за вкупниот развој на фотографијата кај нас.

По силата на нештата, но и заради јасно изразената љубов кон фотографијата, релативно рано (1969 година, иако претходно, 1966 – 1969 година, меѓу првите кај нас, се бави со анимација и филм) се определува за неа како основна професија. И тоа трае до денес!

Оттука, со 9 самостојни изложби, со учество на 40-тина групни изложби во земјата и во странство, со бројни национални и меѓународни награди, Александар Кондев дефинитивно денес е доајен на македонската уметничка фотографија, репрезент на нејзиниот развој и современи дострели во национални рамки.

kondev priroda__04

Кондев ја познава суштината на фотографијата и ја знае нејзината историја, претпоставените „нераскинливи“ врски со сликарството, репутацијата на фотографијата за најмиметичка и најреалистична уметност а со тоа и најповршна (Sontag). Но тоа не го спречува да и’ го посвети безмалу целиот живот. А тоа го прави само некој кој верува во нејзините автохтони вредности. Како и многумина други фотографи со ваков стаж, неговиот интерес во фотографијата е тематски широк. Но и кај Кондев сепак постои некаква примарна вокација и „појдовна ориентација“, некаква стартна но и суштинска определеност: прво за “класичната фотографија” (без претерана наклонетост кон експериментирање и иновации), а понатаму и за неколку приоротетни тематски целини: лајф фотографијата (со поттеми деца, портрети, улица и слично), потоа теми од урбаното секојдневие, социјални и еколошки теми, пејзаж, структури (макро фотографија) итн.

Кондев смета дека „магијата на фотографијата се крие во процесот на создавањето. Таа не се гледа, но зрачи од секој нејзин дел“! Тој верува во таа „магија“ и тоа се гледа на неговите фотографии. Сиот тој „нов свет“ што ни го прикажува Кондев на неговите фотографии е – токму таа негова магија. Видена низ неговиот објектив, миговно „обработена“ во свеста и понудена на гледачот  како некоја негова сублимирана реалност, како некаков визуелен предизвик на неговата креативна фантазија.

И творечкиот пат на Кондев е токму тоа: негово стрпливо педесетгодишно чекорење со отворени очи низ светот согледан како визуелен предизвик за негово лично видување, негово „толкување“, негово разбирање на нештата. Тоа не мора да бидат историски настани или турбулентни случувања, громогласни патешествија или селебрити личности, но сите нешта поминати низ неговиот објектив мора да го имаат неговиот личен печат, неговиот агол на гледање, неговото претставување на виденото. И само тоа, впрочем, може да биде автономен творечки пат, искуство коешто се гради врз сопствените фотографски знаења и убедувања, врз сопствената фотоестетика којашто, за среќа, во неговиот случај добива и впечатливи национални димензии.

Неговата фотографија не е штос, гег, ефект. Уште помалку е затворен, тешко достапен личен наратив. Кондев верува во добрата фотографија, што и да значи тоа. А тие што ја сакаат фотографијата знаат што тоа значи. Таа е промислена иако фатена во миг, таа е елаборирана иако настаната во делот од секундата. Кај Кондев најчесто добрата фотографија е лајф фотографијата – онаа што ја следи естетиката на еден Cartier Bresson – но и, како што веќе беше укажано, фотографијата којашто сака да поместува граници, што денес и не е така лесно.

kondev izlozba_25

Александар Кондев денес е безмалу единствениот претставник на онаа генерација македонски фотографи кои ја осовременија македонската фотографија, кои во седумдесеттите и осумдесеттите години на минатиот век внесоа една поинаква естетика и нови хоризонти во третманот на оваа уметност. Или, ако сакате, тој и неговата генерација го изборија местото на фотографијата како рамноправна уметност. Но неговата фотографија, се разбира, не се исцрпува само и единствено во историските релации. Неговата фотографија во национални рамки сведочи за стабилност и континуитет во исказот, во градењето на лична естетика којашто нема да заостанува зад регионалните и пошироки стандарди. Едновремено, фотографијата на Кондев останува и како жив прирачник за помладите колеги, како стручно и естетско помагало низ неизвесните фотографски талкања.

___________________________

Биографија

Кондев Александар /1950/, роден во Скопје, каде што го започнал и своето школување. Уште во основното училиште се запознал со фотографијата и фотографската техника и активно учествувал на натпреварите по фототехника, каде освојувал и награди.

На Младинската работна акција во Загреб 1966 година се запознал со филмската  техника која во тоа време била во подем и преставувала амбиција и интерес за голем број млади. При крајот на 1966 година се приклучил кон иницијативата на група ентузијасти (Драги Новаковиќ, Бранко Атанасковиќ, Вељо Велевски, Ѓорѓи Давидовски, Саша Маркус и други) за формирање градски кино клуб што била покрената од Советот на Народна Техника на град Скопје. Како најмлад во оваа иницијатива станал и член на првиот управен одбор на клубот, со задача посебно да работи со младите членови.

Неговата нагласена индивидуалност го насочила неговиот интерес кон филмот и  анимацијата која што во основа е предмет на личен ангажман на еден автор, но во исто време покажувал интерес и за експериментите во играниот и докуметарниот филм. Со својот прв игран филм “Ден како секој ден” освоил награда за дебитантски филм на Републичкиот фестивал на аматерскиот филм во Скопје во 1967 година. Паралелно работел на анимации и експериментални   филмови. Во тој период Кино клубот “Камера 300“ претставувал место на ширење на филмската култура, но и на самообразование преку проучување на филмската техника.

kondev izlozba_13

Паралелно сo студиите на  Економскиот факултет во 1969 година, се враќа на фотографијата како член на Фото клубот “Вардар” во Скопје. Членувањето во овој клуб било проследено со учество на голем број изложби во тогашна Југославија и во странство, како и неговата прва самостојна изложба во галеријата на  Домот на младите “25 Мај” во Скопје во 1977 година.

Кондев е основач на Фото клубот “25”, каде што активно делувал и како педагог и како излагач. Во тој период, во 1979 година, ја организирал и неговата втора индивидуална изложба  во Домот на младите “25 Мај”.

Во 1981 година започнал да работи во фотографското студио на “Фотоцентар” во Скопје, каде што соработувал и со повеќе други институции и агенции во областа на фотографијата. Дел од своето време посветувал и на активности во Фото сојузот на Македонија и Југославија, каде што учествувал на бројни изложби како член или претседателот на жири. Од 1989 година работи како самостоен фотограф.

Во периодот 1994 – 2001 година предавал фотографија на Академијата за ликовни уметности при Универзитетот “Св Кирил и Методиј” во Скопје.