„(По)трагите на водата“ – Акварелот од колекцијата на НГМ во Софија

akvarel kolekcija na ngm

Во Културно- информативниот центар на Република Македонија во Софија, Република Бугарија, на 7 април 2016 година (четврток) во 18:30 часот, ќе се отвори изложбата со наслов (По)трагите на водата – Акварелот од колекцијата на Националната галерија на Македонија.

Акварелот како составен дел од Збирката на Националната галерија на Македонија, завзема значајно место, такашто со оваа изложба се презентира избор на дел од уметничките дела остварени во оваа ликовна техника.

Овој проект беше замислен како изложба со патувачки карактер истата беше поставена во повеќе градови низ Македонија (Велес, Крива Паланка, Штип, Битола, Кавадарци, Куманово). Истата, беше реализирана во соработка со Дирекцијата за култура и уметност- Скопје, и е во рамките на проектот „Кич, да!?/сте или не/“ поддржан од Министерството за култура.
Љубителите на уметноста добија можност да видат селектирани дела од најстарата генерација автори од македонската современа ликовна уметност, како и од соседството.

kic sofija akvarel

Меѓу авторите на акварелите застапени во колекцијата на Галеријата се претставници од најстарата генерација современи академски сликари од Македонија – Михајло Шојлев, Димитар Аврамовски Пандилов, Киро Караџа, Лазар Личеноски, Вангел Коџоман, Љубомир Белогаски, Василие Поповиќ – Цицо, како и одредени познати имиња (врвни мајстори) од соседните држави (кои покрај сликарството работеле и акварели) – Томислав Кризман, Јован Бјелиќ, Коста Хакман, Петар Лубарда, Предраг Милосављевиќ – Пеѓа, Никола Славин.

Регистарот на акварелното сликарство, продолжува со создадени дела од авторите – Лена Стефанова, Ејуп Умер, Богољуб Ивковиќ, кои во својот творечки опус периодично или експериментално работеле акварел, или пак, негова имплементација во делото (цртеж во комбинирана техника со акварел, гваш) – Симон Шемов, Владимир Георгиевски, Станко Ѓорѓиев, додека некои од уметниците се најпрепознатливи во своето творештво во акварелната техника – Никола Бутров, Илија Кавкалески- Кавкале, Теофил Шулајковски-Тофе, Јакуп Хајро.

Куратор на изложбата е Елена Георгиевска, кустос во Националната галерија на Македонија.