“Посттранзициска релевантност: Комбинација од неколку партии на вечери” во Мала станица

Во Националната галерија на Македонија, објект Мала станица, на 3 октомври 2014 година (петок), во 20 часот, ќе се отвори изложба на уметничката група Варг е Ви од Косово, со наслов ПОСТТРАНЗИЦИСКА РЕЛЕВАНТНОСТ: КОМБИНАЦИЈА ОД НЕКОЛКУ ПАРТИИ НА ВЕЧЕРИ, (Еден поглед кон косовската современа уметност).

Varg e Vi pokana

„Варг е Ви“ (Јетон Муја, Авни Шкодра, Дин Азизи, Авни Рудаку, Артан Хајрулаху, Куштрим Зеќири и Бесим Бафтиу) е мултимедијална уметничка група од Гнилане, Косово, составена од седуммина уметници, што се изразуваат во различни уметнички дисциплини, т.е. визуелни уметници, перформативни уметници, музичари, писатели. Ваквиот широк дијапазон на креативна експресија е предност за целата група и за содржината на нивните презентирања бидејќи станува збор за интелектуална анимација на повеќето сетила и чувства. Актуелното секојдневие ги засега и овие автори и тие го вклучуваат тоа и во своите инсталации, глуми, перформанси, музика, поезија.

„Варг е Ви“ е една од можните опции – платформа за следење на развојот на концептуалната уметност во посттранзициско Косово и нивните дела во себе ги вклучуваат сите реминисценции од транзицијата во политичка, културна, идентификувачка смисла. Вториот дел од насловот на проектот Посттранзициска релевантност: комбинација од неколку партии на вечери е резултат на синонимот на различноста, мултимедијалноста, контекстуалноста и секако во себе ја содржи двосмислената манипулативна порака „нешто се крчка“ или „ќе ни зготват нешто“, кованици што се користат и при детерминација на политички потези.

Слично како Македонија, и Косово се уште го минува периодот на транизиција, продолжена, развлечена и непродуктивна. Општата стагнација го поставува обичниот човек на едно беспаќе, на раскрсница меѓу старото и новото, првото одамна изминато чии реминисценции се чувствуваат во психата, традицијата, верувањата, трагите од војната и поделбите, и новото, модерното и современото кон кое стремат, а кое во голема мера е толку блиско, а всушност недостижно и далечно. Овој аспект, како и општото социјално-општествено и политичко егзистирање вршат големо влијание врз развојот на уметноста и врз концепциско-дискурзивните јазици со кои се изразуваат творците. Изолирањето од секојдневието е речиси невозможно, единствен начин да се избегне ова пледоаје е неговото игнорирање и бегството од него, но и тоа е еден вид реакција.

Со презентирањето на оваа изложба на групата „Варг е ви“, се обидуваме да дадеме еден ракурс во развитокот на младата современа косовска уметност која, за жал, иако се создава во непосредна близина, сепак е многу малку позната кај нас. Ваквиот приказ дава многубројни можности за споредување на развојните патеки на уметноста во двете соседни земји, а отвора и нови платформи за соработки и нови спознанија.