Отворена изложбата „Македонско профано сликарство…“ во Чифте амам

Во понеденикот (04.11. 2013 година), во Националната галерија на Македонија, објект Чифте амам, беше отворена изложбата “Македонско профано сликарство (XIX – почеток на XX век)”. Куратор на изложбата е Славица Алексоска.

profano slikarstvo NGM cifte (1)

На изложбата е поставен дел од македонското ликовно творештво од периодот на Преродбата, кое во голема мера ќе придонесе за расветлување на раниот развој на современата македонска уметност. Пред македонската јавност, покрај познатите и објавени дела, поставени се и досега неизложени дела, позајмени од јавни и приватни колекции.

Во XIX век во Македонската ликовна уметност продолжува поствизантиската традиција на сликање на иконопис и живопис, по нарачка на црквата и младиот граѓански слој, така што сликањето на елементи и мотиви со профана содржина, се до 80 – те години на XIX век се остварува во рамки на религиозното сликарство. Меѓу зографите – сликари кои имаат значаен допринос за развојот на македонската ликовна уметност во втората половина на XIX и почетокот на XX век се: Димитар Андонов Папрадишки, Ѓорѓи Зографски, Данаил Несторов Фрчкоски, Коста Вангелов, Ѓорѓи Андонов, Коста Шкодреану, Трајко Муфтински и др.

Преку своето творештво, тие, успеале да се наметнат во прифаќањето на новите ликовни идеи за бавно напуштање на шематизираниот поствизантиски иконопис и живопис, во интерес на скромната појава на македонското профано сликарство. Осамените дела на Теодосиј Зограф и Дичо Зограф, во почетокот и средината на XIX век, само го навестуваат она што во областа на македонската ликовна уметност ќе се случува во наредниот период.

Изложбата ќе биде отворена до 29.11. 2013 година.

profano slikarstvo NGM cifte (2)

profano slikarstvo NGM cifte (3)

profano slikarstvo NGM cifte (4)