Мајлинда Келменди со “Идентитет и дијалог” во Чифте амам

Во Националната галерија на Македонија, објект Чифте амам, на 22 мај 2013 година (среда), во 20:00 часот ќе се отвори изложба на Мајлинда Келменди, со наслов Идентитет и дијалог.

majlinda-kelmendi-cifte-amam-1

Нејзиното трагање по човековите вредности е длабоко инкорпорирано во нејзиното творештво. Потрагата по сопствениот идентитет е основната нишка во нејзиниот ликовен израз. Модалитетите од човековото живеење таа ги пренесува во својата уметност. Историјата како основа за човековата идентификација Келменди ја преточува во визуелни дела што сведочат како за личен, така и за воопштен идентитет. Нејзините дела говорат за идентитетот и за воспоставениот дијалог со историјата, но и за меѓучовековата комуникација.

Во своето творештво таа користи различни медиуми, како што се сликарството, фотографијата, инсталацијата и перформансот и го преиспитува местото на уметникот во разните сегменти на системите на уметноста и на општеството…

Токму и затоа оваа изложба е со посебна тежина, од причина што Келменди своите истражувања во уметноста ги претставува преку своите погледи на светот и на животот, но со универзални вредности.

Мајлинда Келмеди е родена во Тирана, а живее и работи во Приштина. Професор е на Факултетот за ликовни уметности во Приштина и член на Косовската академија на науките и уметностите. Нејзиното творештво е излагано во бројни галерии и музеи во Европа и Америка, а исто така за нејзиното творештво е пишувано во многу списанија за уметност во светот, а вреди да се напомене дека и престижниот New York Times има посветено статија за нејзината уметност.