Изложба на Игор Тошевски во „Чифте Амам“

Ве информираме дека во Националната галерија на Македонија, објект Чифте амам, на 5 септември (понеделник) 2016 година, во 20 часот ќе се отвори изложба на Игор Тошевски со наслов Помеѓу.

igor toshevski 1  Игор Тошевски спаѓа меѓу ретките уметници кои во континуитет се обидувале да одговорат на клучните актуелни прашања без притоа да паразитира врз медиумската еуфорија, туку пред сè се обидувал да отвори нов терен за промислување на пошироките импликации и јасно да го искаже својот став.

Проектот Помеѓу се развива и реализира токму во време кога се редефинираат националните приоритети, време во кое дебатите за улогата на уметноста сè почесто излегуваат на јавна сцена. Тоа е пред сè поради зголемената свесност за потенцијалот на уметноста и за нејзината (зло)употреба и, конечно, неизбежниот заклучок дека уметноста секогаш имала имплицитна или експлицитна политичка димензија. Овој проект отвoра можност тој да биде разгледуван низ призмата на актуелните прашања кои се појавуваат низ неговата генеза, поконкретно од 2012 година наваму, но и преку навраќање на доминантните постапки и стратегии кои ги користи Тошевски, особено од средината на 1990-тите.

Денес, во втората деценија на третиот милениум, прашањето за уметноста и релациите со музејскиот концепт може да ги поставиме помеѓу инверзниот однос на две прашања: Дали на современата уметност ѝ е потребен музејот, односно дали на современиот музеј му е потребна уметност? Проектот Помеѓу на Тошевски може да се разгледува во насока на истакнување на значењето на сложените релации и меѓузависноста на вредностите од минатото и нивната улога во современоста. Секако, во случајов, важи и обратното, како што впрочем забележал и Жан-Ибер Мартен дека „колку повеќе се насочуваме кон визуелните уметности денес, толку појасно ќе ни стане минатото.igor toshevski 2

Обидот да ги разбереме подобро уметниците од овој век ни помага да ги разбереме и оние од другите векови“.

Градејќи ја својата инсталација со избор на делата од колекцијата на Националната галерија на Македонија, Тошевски исторемено се дистанцира од нив за да отвори простор за промислување токму преку основната разлика врз која се гради пунктумот: блокирајќи го сопственото присуство, со гестот дефиниран со привремено здружување во констелацијата на поставката, ја истакнува невозможноста трајно да биде инкорпориран во колекцијата. Тоа може да го стори само преку преобразбата низ документацијата и контекстот кој е одреден од текстуалната, интерпретативна рамка, како првично и привилегирано, но привремено прото-музеализирање на ефемерниот гест.

 

igor toshevski 3

_____

ИГОР ТОШЕВСКИ (1963, Скопје) дипломирал на отсекот за графика на Академијата за ликовни уметности во Хелсинки, Финска (1988) а магистрирал вајарство (2011) на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Во 1980-тите, учествува во формирањето и работата на неколку уметнички колективи во Македонија, меѓу кои групата Зеро (1985-1990) која одигра значајна улога во појавата и развојот на алтернативната ликовна сцена во Македонија. Како еден е од основачките членови на иницијативата Кооперација (2012-2015), тој активно учествува во конципирањето и реализацијата на бројните настани, меѓу кои групни изложби, колаборативни проекти, симпозиуми, презентации и панел-дискусии одржани во земјата и во странство.