Изложбата TIME COLLECTORS project во Чифте Амам

Во Националната галерија на Македонија, објект Чифте Амам, на 13 мај 2014 година (вторник), во 20 часот ќе се отвори изложбата TIME COLLECTORS project.

Time Collectors

Се работи за меѓународна изложба на дела на 16 домашни и странски уметници. Учесници на изложбата се : Биба Кајевиќ (Македонија), Гаврило Миловановиќ (Македонија), Лана Васиљевиќ (Србија), Горан Деспотовски (Србија), Силвија Горак (Полска), Мирна Арсовска (Македонија), Душан Перчинков (Македонија), Кирил Геговски (Македонија), Серџо Парела (Аргентина-Англија), Феликс Брасје (Франција-Англија), Паоло Чампини (Италија), Мустафа Узбакир (Турција), Ѓорѓе Јовановиќ (Македонија), Владимир Симоновски (Македонија), Владо Ѓорески (Македонија) и група „Колегиум“ (Македонија).

Автори и куратори на изложбата се Биба Кајевиќ и Дејан Буѓевац, а нивната идеја е всушност прашањето кои се тие визуелни слоеви и поетски естетизации на сликата „време“, кои го „продлабочуваат“ нејзиниот линеарен, хронолошки, историски, психо-социјален, геополитички, економски и (пост)идеолошки карактер? Кои се тие визуелни постапки во мноштвото „парцијални резови на времето“, кои можат да се третираат наспроти „клатното на сегашноста“, односно денешната невротична и хистерична димензија на „времето“ позната како ера на брзини, на глобалната претстава за неповторливата краткост на живеењето или на силните резови во еден правец?

Изложбата се состои од дела изработени во разни медиуми како што се сликарство, цртеж, графика, фотографија, видео, инсталација, објект…

Се работи за поставка во која авторите на изложбата вклучиле уметници од повеќе генерации и (сосема) различни по својот визуелен, естетски, поетски и ликовен јазик и културен сензибилитет, но кои во своите творечки и чувствителни процеси на своите дела имаат заеднички склоности во однос на сликата „време“, а тоа се моментот на повторување, суптилната естетика на „минималистичката“ репетитивност, немиот ритам на фрагментарната слоевитост како лично бележење на одредени „временски“ состојби од самата виртуелна, физичка или психичка стварност; визуелно-медитативното процесуирање и тактилната забавеност во граничните области помеѓу замисливото време, имагинарното, и „ смислата“ на животот; камерно случување на делото преку временски исечености и деликатни изрежаности… , непредвидливиот ритам, долготрајното повторување на одредена форма кое креира различни/спротиставени почетоци, изместеност, отпорност, кадрирани паузи во спојот меѓу избришаните траги, знаци и сенки; обликување, одложување, разградување и бришење на почетокот како творечки процес; „временски“ колапс…

Проектот својот почеток како изложба TIME COLLECTORS го имаше минатата година во просториите на НУ Завод и Музеј Битола, кога учествуваа само еден дел од авторите.