Изложбата “(По)трагите на водата”- Акварелот од колекцијата во Крива Паланка

Во Градскиот музеј- Крива Паланка, на 29-ти август, 2015 година, се отвори изложбата “(По)трагите на водата”- Акварелот од колекцијата на Национална галерија на Македонија.

akvarel ngm palanka 6

Директорот на Локалната установа “Градски музеј-Крива Паланка“, Драган Величковски истакна дека изложбата претставува заокружување на празнувањата во Крива Паланка по повод светецот-закрилник на градот, Св. Јоаким Осоговски, и придонес на музејот кон севкупната културна понуда во градот.

– На наша радост вечерва ја отвораме изложбата со националната збирка акварели којашто е дел од постојаната поставка на Националната галерија на Македонија и истата ќе биде достапна за љубителите на уметноста од нашата општина во следните дваесетина дена. Со оваа изложба ја збогатуваме културната понуда на градот во празничните денови, изјави Величковски.

За изложените дела говореше Елена Георгиевска, кустос во Националната галерија на Македонија, која рече дека изложбата “(По)трагите на водата” е избор од акварелите кои се дел од колекцијата на Национална галерија на Македонија.

– Нашата институција е една од првите и најстари носечки институции од областа на културното живеење во нашата земја. Таа низ своето долгогодишно постоење, покрај несомнено богатата изложбена активност, истовремено како приоритетна обврска систематски го собира, го згрижува, соодветно го чува и презентира ликoвното творештво како дел од нашето севкупно движно културно наследство. Оттука Националната галерија на Македонија, преку континуирана презентација на својата богата и вредна колекција, истовремено настојува да направи соодветна афирмирација и промоција и на македонската современа ликовна уметност. Во овие рамки се појави и идејата за организирање на една ваква изложба која пошироката јавност и ликовната публика ќе ги запознае со содржините на нашата колекција, односно со развојот и вредноста на македонската современа ликовна уметност, изјави Георгиевска.

Таа потенцира дека изложбата е можност да се видат делата на повеќе еминентни автори од областа на една ликовна дисциплина, акварелот, но и претставници од ликовната сцена од неколку соседни држави.

– Селектирани се дела од наши еминентни автори претставници на најстарата генерација од македонската современа ликовна уметност, како и од соседните држави, меѓу кои: Димитар Пандилов, Лазар Личеноски, Вангел Коџоман, Љубомир Белогаски, Василие Поповиќ- Цицо, Умер Ејуп, Петар Лубарда, Томислав Кризман, Јован Бјелиќ, Коста Хакман, Предраг Милосављевиќ и други академски сликари, информира Георгиевска.

Изложбата веќе беше поставена во Националната галерија на Македонија, Народниот музеј Велес и во Музеј и завод Битола. Делата ќе бидат изложени во Кривопаланечката Градска уметничка галерија до 16 септември, по што ќе бидат презентирани во Штип, Куманово и Кавадарци.