Епизоди на модернизмот – избор од колекцијата на Вукмановиќ

Hа 16 септември 2016 година (петок) во 20 часот во Националната галерија на Македонија, објект Мала станица, ќе се отвори изложбата Епизоди на модернизмот – избор од колекцијата на Вукмановиќ, дела од колекцијата на Народниот музеј на Црна Гора од Цетиње, Црна Гора, а кустос на изложбата е Љиљана Караџиќ.

5 mark chagall revolucija

Оваа изложба е дел од билатералната соработка на нашите две институции која се одвива неколку години по ред и годинава продолжи со изложбата „Есенција на егзистенција“ во организација на Националната галерија на Македонија која се отвори на 05.08.2016 година во Народниот Музеј на Црна Гора во Цетиње, а ова е повратна изложба од колекцијата на Народниот Музеј на Црна Гора која ќе се реализира во Националната галерија на Македонија – Мултимедијалниот центар Мала станица.

Изложбата на која се прикажани 27 автори (од кои повеќето се клучни имиња за историјата на југословенската модерна уметност: Ѓорѓе Андрејевиќ Кун, Стојан Аралица, Јанез Берник, Миодраг Дадо Ѓуриќ, Бранко Филиповиќ Фило, Лазар Личеноски, Петар Лубарда, како и светски познатите Марк Шагал, Ренато Гутусо и други…) има за цел да го понуди искуството на директна средба со поединечните дела кои визуелно, емотивно и мисловно се потикнувачки, но и да потсети на благородниот чин на Милица и Светозар Вукмановиќ – Темпо, кои со својот личен пример ги отелотворија верата во идеалот за напредок, историската мисија на модернитетот и неговите позитивни ефекти за човештвото.

Збирката на Милица и Светозар Вукмановиќ – Темпо, која содржи 224 дела (слики, скулптури, цртежи, графики, таписерии) од најважните југословенски уметници од првата половина на XX век, како и неколкумина странски автори, се создаваше во годините по Втората светска војна. Во 1965 година, ја подарија збирката на Цетиње, а градот потоа ја предаде на чување на Народниот музеј на Црна Гора, каде што се наоѓа и денес. Збирката нуди увид во идеите и тековите на југословенската уметност во петтата и во шестата деценија на 20 век, а може да се набљудува не само како многу прегледна историја на важните етапи на југословенскиот модернизам, туку и како збир на единствени индивидуални приказни, понекогаш на доминантните, а понекогаш паралелни на главните струи, пред, зад или надвор од официјалниот систем.