Димче Димески со „Критична маса ~ Првиот бран“ во Чифте амам

Димче Димески; Критична маса ~ Првиот бран

Чифте амам, Отворање: 4 септември 2013, 20 часот 04-15.09.2013

dimce dimeski

На ден  среда 30 мај 2012 година, во 18.00 часот  Скопје за првпат се вклучува на велосипедската манифестација „ Критична маса“ која се одржува истовремено во 300 градови низ светот, за да се испрати една глобална порака на здружување на велосипедистите насекаде, во подобрување на сообраќајната култура. Самиот автор, како учесник, под импресии од тој урбан настан, ја развива својата идеја за циклусот „ Критична маса ~ Првиот бран “.  Почнува со дводимензионална линеарна визулизација на индивидуи, кои се претопуваат во една колективна мисла и насока ( Експериментален цртеж, Осцилации I и  II), вешто  користејќи се со елементите боја, облик, линија и текстура, материјалот го трансмитира во енергија.

Понатаму, својот внатрешен импулс го интегрира во амбиентална уметничка инсталација,  која e составена од неколку инсталации: 2 висечки  обли црни скулптури- објекти дијаметрално (спротивно) поставени во галерискиот простор,  дополнети со гумен материјал во мали кружни форми ( парчиња од преносни цевки), 5 скулптури-објекти кои тродимензионално формираат градација на брановидното движење (иницијација на бранот – „будење“ на свеста, движење на невидливата енергија која зема замав) со мноштво минијатури од жица и плексиглас  работени во кроки манир. Поставувајќи ги сите овие фигури на самиот бран (дополнет со т.н. „енергетски патеки“  на движење сочинети од огледална спектарна хартија и  цевки кои ја следат линијата на формата и конектори кои ги урамуваат ивиците на основата од скулптурата – бранот), доловува Колдеровски кинетички жичани конструкции, во (совршена) комбинација со амбиентално насочена светлина и звук. Создава таутолошки серијални структури, искажувајќи тежнеење кон еден интерсубјективен процес на ослободување на мислата кон повозвишено надминување од ограничувањата на урбаното.  Употребата на црната боја, кои многу стари народи ја сметале за вонвременска, во случајов е поврзана и со еден  Јунговски психолошки исказ како адекватен на се што укажува почеток. Додека, белата боја соодвествува со  една димензија на прочистување.

Севкупно, употребувајќи различни секојдневни материјали, дава визија на една матрица на град каде што секој  гледач може да се поистовети како дел од него, активна единка која може да придонесе кон промени за една обнова на свеста на глобално ниво… Секој еден, како дел од масата, може да биде во состојба на иницијација или инкубација. Изборот е личен, зависно од желбата да го прифати или одмине тој бран, енергетско одвојување од  општо дефинираната матрица. Интензитетот на контактот, учеството и ефектот е субјективен.  Оваа инсталација, не води кон поттик на лично преиспитување (што да биде  фундаментот на нашите размисли? ) и проценување на просторот во кој- каде? се наоѓаме. Со цел, ослободување на свесен импулс кон една трансмутација.

….

Во овој контекст, младиот скуптор работи на проширување на оваа тема, со нови дополнувања во фазите кои планира да ги реализира во неговите следни претставувања пред јавноста и заокружување на циклусот.