Демир Бељуљи изложува во Чифте амам

Во Националната галерија на Македонија, објект Чифте амам, на 22 јуни 2013 година во 12 часот ќе се отвори изложба на Демир Бељуљи.

demir behluli plakat

Ликовниот паноптикум во кој се изразува Белули опфаќа разнородни ликовни тематики и жанрови, а медиумите во кои ги овоплотува својата замисла и концепт се  разнородни техники од молив, темпера, акварел, туш, јаглен, маслена боја и слично, кои ги владее на достојно ниво. Во поглед на сижејните преокупации, треба да се нагласат неколку главни идеотеки што варираат интерно во стилскиот пристап кон нив. На пример, на прво место треба да се постави портретот, како една од мошне честите тематски одредници, кон кој пристапува на неколку начини. Реалистичниот начин на обработка на познати личности од албанската културна и општествена дејност го нагласува како автор што го знае класичниот третман на портретот, во кој фацијалната сличност и карактерната доловеност на портретираниот лик е предоминантна карактеристика. Освен овој реалистичен пристап, Демир Бељуљи знае и да експериментира и да пробува во други формати на портретна предаденост, мошне современо, концептуално, со помош на букви што наредени едни до други во даден систем обликуваат одреден лик.

demir behluli 44

demir behluli seklovic

Пејзажите се редовен спецификум во неговиот опус, од реалистични преку експресивни, импресионистички, надреалистични, па сѐ до апстрактно-асоцијативни, во духот на нервозна la linea, која певливо ја распорува белата монотонија на листот. Во пејзажите доминираат полиња, ливади, зимски пејзажи, планини, потоа специфичен му е циклусот „Планини, дрва и луѓе“, со надреален штимунг, во кој претенциозна нишка му е континуитетот и отпорноста на планините, дрвјата и луѓето без оглед на сите пречки и незгоди што се испречуваат на патот.

Вака опширниот уметнички ангажман на Демир Бељуљи со изложбата во Националната галерија на Македонија се детерминира како јубилеј од 75 години творештво и 58 години од првата самостојна изложба.

Изложбата ќе ја отвори г-а Халиде Палоши, директор на Националната галерија на Македонија.

demir behluli 17

 

Со почит,

Национална галерија на Македонија