Втора дебата „Институција за можните иднини“

Институција за можните иднини 2

Почитувани, Со задоволство ве известуваме и воедно ве покануваме на втората и последна дебата од серијата „Институција за можните иднини“, која ќе се одржи на 12 декември 2017 година (вторник) во 12 часот во НУ Национална галерија на Македонија, објект Даут пашин амам.

Оваа серија на дискусии е курирана од Ивана Васева како надворешен соработник на Националната галерија на Македонија и се одржува во контекст на најавата за јубилејот 70 години од основањето на Уметничка галерија/ Национална галерија на Македонија во 2018 год.

На дебатата ќе учествуват: Бојан Иванов, историчар на уметност и ликовен критичар, Мирјана Талевска, историчарка на уметност во пензија, претходно вработена во Национална галерија на Македонија, Решат Амети, уметник и член на Управен одбор при Национална галерија на Македонија, Ѓорѓе Јовановиќ, уметник и претседател на Управен одбор при Национална галерија на Македонија, Маја Чанкуловска Михајловска, историчарка на уметност и кураторка во Национална галерија на Македонија и Ана Франговска, историчарка на уметност и кураторка во Национална галерија на Македонија.

Институција за можните иднини 3

Оваа серија на дебати имаат за цел одново да постават повеќе прашања кои би биле во чекор со современите размислувања за институциите поврзани со повеќеслојните идентитетски карактеристики како и конструктите на националното како една 19-вековна творевина, за современоста во пристапот на изожувањето, презентирањето и преиспитувањето на колекцијата како и на односот не само со локалната туку и интернационалната сцена. Двете дискусии го отвораат темите за значењето на уметничката колекција, како трезор на идеи за можните иднини/ архива/ простор за преиспитување на концептите и контекстите, за односот помеѓу традицијата и современоста, за квалитетот и за националната институција.

Двата настани се конципирани во форма на видео интервјуа водени врз основа на прашања кои понатаму се поставуваат како основи за разговори, коментари и анализи меѓу учесниците и публиката во форма на јавна дискусија. Идејата е преку претходно снимени интервјуа кои се поставени на интернет и достапни за сите, да се направи дискусија. Сите снимени интервјуа можат да се најдат на настанот за промоција на Фејзбук (https://www.facebook.com/events/306787963160040/ ) како и на веб страната на Нaционална галерија на Македонија.

На претходната дебата беа поканети поранешни директори и директорки и в.д. директорка на оваа институција како Златко Теодосиевски, Маја Крстевска, Маја Неделкоска Брзанова, Драган Бошнакоски кои ги дадоа своите видувања во форма на видео интервјуа исто така поставени на настанот за промоција на Фејсбук (https://www.facebook.com/events/151492162132203/) како и на веб страната на Нaционална галерија на Македонија, како и актуелната директорка Дита Старова Ќерими. На јавната дебата учествуваа Дита Старова Ќерими, Маја Крстевска и Маја Чанкуловска-Михајловска, а се зборуваше за важноста од соодветни услови на чување на богатството во Националната галерија на Македонија како и за можните идеи за подобрување на постоечката ситуација во оваа институција.